Во близина на градот Велес се наоѓа еден мал имот, со малечка винарија која наликува на здание од бајка, насликано од раката на архитектот врз благо извишување во селото Сујаклари и во непосредна близина на езерото „Младост“. Пред очи навираат сцени од весели дружби со пријателите и среќни лица. Дружби залеани со вкусно вино како придонес кон убавото расположение на дружината што се збрала. Вино направено со многу љубов, подарувано само на специјалните гости и блиски пријатели на сопственикот на оваа малечка винарија, како подарок од срце. Подарок од повардарскиот регион – родното место на најдоброто македонско вино.
Годината е 2005, а приказната е плод на сесрдната посветеност кон правењето вино како страст на творецот и сопственик на овој шармантен малечок дом на виното. Според зборовите на овој голем љубител на скапоцените гроздови капки во кои сета сончевина се впила, целта на создавањето на винаријата „Тристо“ е да се создаде место каде што ќе може да се ужива во виното и другарувањето среде идилична и живописна природа, како своевидна прослава на сите сетилни уживања – добрата голтка, вкусната храна и прекрасните пејсажни сцени кои ги спојуваат пријателите и семејството во една топла, бесконечна приказна; приказна која ќе трае со генерации...